Нови дози на „Фајзер“ од денеска во земјава

25

Се работи за преостанатите од договорените 8 000 вакцини кои Србија ни ги отстапи од своите набавени количини, од кои делот како донација од 4 680 дози веќе се користи во земјава
Денеска попладне од Србија ќе пристигнат преостанатите од договорените 8 000 вакцини кои оваа соседна земја ни ги отстапи од своите набавени количини, од кои делот како донација од 4 680 дози веќе се користи во земјава.

Примопредавањето ќе го направат министрите за здравство на граничниот премин Табановце.

И овие дози се од вакцината „Фајзер“ со која пред една недела започна процесот на вакцинација против ковид во земјава.

Се уште е првата фаза во која се наоѓаат здравствените работници, а процесот се спроведува во модуларната болница во Скопје.

До вчера беа вакцинирани 1 274 здравствени работници. Следни за вакцинација се ризичните групи граѓани над 70 години.

За неделава е најавено и пристигнување на 200 000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, со кои треба да се забрза вакцинацијата.

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ 63 075 лица се пријавиле за вакцинација, а 39 003 граѓани преку матичен лекар.