Нови протести и блокади во Софија за оставка на Борисов

9

Речиси еден месец секојдневно се одржуваат антивладини протести во Бугарија.

Денеска има нови демонстрации во центарот на Софија на кои се бараат оставки од владата напремиер Бојко Борисови државниот обвинител Иван Гешев.

Блокирани се главните крстосници во центарот на Софија, каде на 29 јули беа поставени шатори.

Полицијата ги спречи демонстрантите да го блокираат автопатот помеѓу Стара Загора и Хасково, формирајќи кордон.

Шефот на полицијата во Софија, Радослав Стојнев вчера најави дека ќе биде намален бројот на полицајци, кои го обезбедуваат протестот, поради тоа што за една третина е зголемен бројот на заразени припадници на безбедносните сили со Ковид-19. Тој истакна дека дневно се инфицираат пет до шест полицајци.

Јавниот израз на незадоволство во Бугарија почна откако бугарското јавно обвинителство изврши претрес на кабинетот на претседателот Румен Радев и уапси двајца негови соработници.

Во јавноста деновиве беа објавени и аудио-снимки од Борисов во кои тој го критикува претседателот Радев дека тој стои зад протестите и дека на нив не доаѓаат сиромашни граѓани туку политички инструирани.

Премиерот Борисов минатата недела ја реконструираше владата и беа сменети неколку министри, но демонстрантите остануваат на барањата за оставка од целата влада.