Ново истражување: Вакцината на Модерна штити и по шест месеци

22

Ново истражување објавено во научното списание Њу Ингланд џурнал оф медисин, покажува дека две дози од вакцината на американската компанија Модерна против ковид-19 произведуваат антитела дури и по шест месеци.

Истражувањата продолжуваат за да се види колку долго антителата можат да се детектираат кај вакцинираните лица.

Откриено е високо ниво на антитела кај сите возрасни групи кои учествувале во клиничките испитувања. Ги имало повеќе кај помладите отколку кај постарите луѓе.

Експертите ќе продолжат да ги следат учесниците за да утврдат кога завршува заштитата и за колку може да се продолжи со дополнителни дози на вакцина.

Друго истражување открило дека вакцината на американската компанија Фајзер била речиси 92 проценти ефективна по шест месеци. Процентот за Модерна не е наведен, но двете вакцини се покажале дека се многу ефикасни против тешки форми на болеста.

Таа вест доаѓа во време кога американските сојузни држави сакаат да ја прошират вакцинацијата на општата популација. Претседателот Џо Бајден во вторникот за две недели, на 19 април го помести датумот кога вакцината ќе биде достапна за сите возрасни Американци.

Според Центарот за контрола и превенција на болести, до вторник, повеќе од 108 милиони луѓе, скоро 33 проценти од населението, примиле една, а повеќе од 63 милиони обете дози на вакцина против коронавирус.