Ново рочиште за казнетите членови на „Златна зора“, но и најава за нови протести пред судот во Атина

20

Судот во Атина се очекува денеска да ги соопшти одлуките по барањата на адвокатите за олеснителни околности и ублажување на казните на осудените членови на „Златна зора“, а потоа да започне процесот за одредување на конечните казните. Паралелно со рочиштето, се закажани нови протести.

По одлуката за (не)земање во предвид на олеснителните околности што ги бараат адвокатите, ќе следува и предлог на обвинителката за казните. Со оглед дека станува збор за долг процес, не е исклучена можноста казните да бидат соопштени или доцна вечерва или утре на ново рочиште.

Никос Михалољакос, лидер на партијата и шест поранешни пратеници, се соочуваат со затворска казна од пет до 15 години откако во средата беа прогласени за виновни за водење на криминална организација, додека 43 други членови на „Златна зора“, меѓу кои и 11 поранешни пратеници, се виновни за учество во криминална организација и може да добијат од пет до десет години затвор.

Доколку се земат во предвид олеснителните околности, казната затвор за водење криминална организација, може да се намали од две до осум години, а за учество од една до пет години.

Меѓу осудените е и поранешниот пратеник од „Златна зора“, а сега независен европратеник, Јанис Лагос, кој преку социјалните мрежи најави дека од Брисел доаѓа во Атина за да присуствува на денешното рочиште, но и најави протест под мотото „И ние имаме глас. Да не одат во затвор националистите”.

Протестот беше закажан за 9 часот наутро, меѓутоа од Министерството за цивилна заштита на Грција, соопштија дека собирот за поддршка на осудените од „Златна зора“ ќе биде забранет поради „непосредна сериозна опасност по јавната безбедност”. Другиот протест, оној против „Златна зора“, се очекува да се одржи регуларно.