Нов амбасадорски состанок на ЕУ за проширувањето, Бугарија се уште не попушта

23

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска ќе се состанат повторно, во пресрет на министерскиот совет на ЕУ на 8 декември, до кога се чинат минимални шансите Бугарија да попушти во врска со преговарачката рамка за С Македонија.

Ситуацијата засега останува непроменета во Брисел, во однос на ветото на Бугарија за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, и покрај силните обиди на сите други земји членки на Унијата, јавува МИА од Брисел.

Меркел ја враќа надежта: Се уште има шанси годинава да се одржи првата меѓувладина конференција на С Македонија со ЕУ

За разлика од претходните блокади, кога ЕУ членките ја „штителе“ земјата што блокира, порачувајќи дека “не е постигнат консензус во ЕУ“ за почеток на преговори, овој пат “виновникот“ за блокада отворено се посочува во Софија.

Поради овој тврд став, очекувано заклучоците не содржат датум за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, туку се поздравува “одлучноста“ на Северна Македонија да напредува во ЕУ реформите.

„Советот ја разгледува преговарачката рамка во овој момент со Северна Македонија и очекува да ја одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, согласно заклучоците на Советот од 25 март 2020“,

гласи текстот што се однесува на преговорите со земјава.
Одредени дипломати во Брисел сѐ уште не губат целосно надеж дека до крајот на декември можеби бугарската влада ќе почне да омекнува, посебно со оглед на тоа што владата на Бојко Борисов се поотворено се поистоветува со “проблематичните“ земји, како Унгарија и Полска, во голем дел поради корупцијата во земјата, а сега и поради блокадата кон Северна Македонија, неразбирлива за другите земји членки кои цврсто стојат на ставот дека процесот на проширување на смее да биде заложник на билатералните прашања.

Дипломатите сметаат дека директните билатерални контакти помеѓу Борисов и другите шефови на држави и влади на ЕУ, за време на Самитот на ЕУ, ќе бидат нова можност за притисок.

Бугарија ја поддржа преговарачката рамка за Албанија – за С Македонија не се исполнети бугарските услови, изјави Захариева

Доколку Бугарија не попушти сега, првата половина на 2021 е под знакот на португалското претседателство кое има помалку интерес за проширувањето, а Бугарија има избори во март, така што најверојатно одлуката тогаш би се одложила дури за втората половина на 2021 година, што предизвикува загриженост кај мнозинството земји членки во однос на одржувањето на реформскиот курс во Северна Македонија.

Во нацрт-заклучоците на Советот се поздравува реформскиот напредок на Скопје, посебно во делот на владеењето на правото и се бара постојана заложба од власта и од опозицијата во борбата против корупцијата како и продлабочување на дијалогот меѓу нив.

Заклучоците го фалат напредокот во судството и стапувањето во сила на новиот закон за Советот на јавни обвинители и законот за јавно обвинителство кои треба да овозможат разрешување на предметите кои произлегуваат од СЈО.

Крупна забелешка на министрите на ЕУ се однесува на способноста на парламентарен надзор врз разузнавачките служби кој треба да биде зајакнат.