Нов голем пад: Турската лира изгуби седум отсто за само неколку минути

6

Турската лира денеска падна за цели седум отсто, па во еден момент беше на ново рекордно ниско ниво од близу 15 лири за долар.

Причината е загриженоста на инвеститорите поврзана со ризикот од новата економска политика на претседателот Реџеп Таип Ердоган и очекуваното ново намалување на референтната каматна стапка во четврток.

Со последниот остар пад, вредноста на лирата е преполовена во споредба со крајот на минатата година, поттикнувајќи ја инфлацијата во големата економија во развој, која е во голема мера зависна од увозот, пишува Ројтерс.
Централната банка претходно го задржа курсот на домашната валута под нивото од 14 лири за долар, интервенирајќи на девизниот пазар продавајќи долари трипати во последните две недели и најави дека нема да има интервенција од 7:30 часот по средноевропско време во понеделник.

Лирата потона на 14,99 во однос на доларот, губејќи 7,3 отсто од својата вредност од петокот кога беше затворена на 13.889 лири за долар. За време на нестабилното утринско тргување, турската валута благо загуби и според последните достапни податоци се тргува по 14,2895.

Турската централна банка се очекува да ја намали референтната каматна стапка за уште 100 базични поени на 14 отсто оваа недела, покажа анкетата на Ројтерс спроведена во петокот, и покрај тоа што инфлацијата скокна на 21,3 отсто минатиот месец.

Инвеститорите и штедачите се загрижени поради неодамнешното агресивно монетарно олеснување, при што централната банка ја намали референтната каматна стапка за 400 базични поени од септември.

Ердоган постојано бараше намалување на каматните стапки со промовирање на нов економски план чии приоритети се економскиот раст, кредитирањето, производството и извозот, но неговата политика наиде на остри критики од голем број економисти и опозициски политичари.