Нов обид за формирање косовска влада

14

Лидерите на партиите победнички на парламентарните избори во Косово денеска повторно ќе се сретнат во обид да договорат нова влада на Косово. На изборите кои се одржаа на 6 октомври победи Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти, а второпласирана е партијата Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа. Средбата треба да се одржи во Собранието на Косово.

Двете досега опозициски партии од порано објавија дека се договориле за програмата на идната заедничка влада, која ќе ја води Курти, меѓутоа до застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новото Собрание на Косово, претседателот Тачи ја свика за 26 декември.

Претходно денеска Курти се сретна со десетте пратеници на немнозинските заедници во новото косовско Собрание. Тие изразиле поддршка на идната влада, која ќе ја предводи Курти.

Според косовските закони, десет места во 120-членото Собрание на Косово се гарантирани за претставниците на српската, и уште толку за оние на другите немнозински етнички заедници, односно Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.