Норвешкиот државен пензиски фонд ја заврши 2022 година со голема загуба

10

 

Норвешкиот државен пензиски фонд соопшти денеска дека ја завршил 2022 година со најголема загуба во последните 25 години, нагласувајќи го негативното влијание на војната во Украина, високата инфлација и зголемените каматни стапки на инвестициите во акции и обврзници.

Норвешкиот пензиски фонд е основан во 1996 година и ги инвестира приходите од нафта и гас во акции, обврзници и недвижен имот. Тој спаѓа меѓу најголемите во светот, со имот во вкупна вредност од 1,2 милијарди долари.

Во 2022 година забележа загуба од инвестиции од 1,64 милијарди круни (152 милијарди евра), најголема од неговото основање. Неговата најлоша година досега беше 2008 година, кога финансиската криза го достигна својот врв, предизвикувајќи загуба на инвестиции од 633 милијарди круни.

Повратот на вложувањата во 2022 година, како што соопштија денеска од Норвешкиот пензиски фонд, е минус 14,1 отсто.

Најлош резултат донесоа вложувањата во акции, со поврат од минус 15,3 отсто. Блиску се и инвестициите во обврзници со поврат од минус 12,1 отсто. Позитивен принос донесоа инвестициите во недвижен имот од скромни 0,1 отсто и во проектите за зелена енергија од 5,1 отсто.

„Пазарот беше погоден од војната во Европа, високата инфлација и порастот на каматните стапки. Тоа негативно влијаеше и на берзата и на пазарот на обврзници, што е многу невообичаено“, објасни извршниот директор на Норвешкиот државен пензиски фонд, Николај Танген.