НУК: Ако има ново ограничување за работата на угостителите, мора да има и дополнителна финансиска помош

39

Независната угостителска комора изрази разочарување по денешната одлука на Комисијата за заразни болести која ќе препорача до Владата угостителските објекти во период од 18 декември до 21 јануари да работат до 18 часот.

Угостителските објекти да работат до 18 часот, забрана за групирање по плоштади за Нова година, предлага Комисијата за заразни болести

„Она што се плашевме тоа се случи, ние денеска само бевме информирани дека се планира угостителските објекти да работат до 18 часот. Ниту едно од нашите барања не беше разгледано и решението за намалување на работното време беше донесено предвреме и овој состанок со Комисијата беше фарса. Од наша страна беше напоменато дека ниеден објект што ги почитува мерките не е извор на ширење на заразата. Прашавме дали има доказ дека се проширила заразата во некој угостителски објект, ни беше укажано дека такви резултати нема. Трагедијата е што во која било препорака се однесува исклучиво на угостителските објекти, а ингеренциите на државниот инспекторат толку се зголемени што секој којшто ќе се обиде да се коцка и да не почитува мерки ќе биде веднаш казнет“, изјави Здравко Јосифовски до НУК.
Независната угостителска комора бараше за Нова година да се работи до 1 часот со почитување на протоколите во угостителските објекти. Сега велат, ако се ограничи работното време, Владата мора да донесе мерки за дополнителна финансиска помош на угостителите.

„Ние ќе ги испочитуваме мерките, но Владата треба да размисли на кој начин ќе ги надомести штетите од овие лимитирања на работата. Субвенциите претходно беа доделени и угостителите се нафатија да ги преземат обврските врз основа на постојните протоколи што важеа. Со новите мерки се прашуваме како ќе ја исполниме обврската која е пренесена на корисниците на субвенците, дека мора да се исплаќаат плати во јануари и февруари, врз основа на што и на кој начин ќе ги остварат тие можности да можат да ги исплатат платите, кога и сега не остваруваат доволно приходи. Владата мора да донесе мерки, препораки и субвенции за дополнително да помогне“,

рече Јосифовски.