НУК: Мерките се добри, ама Владата има обврска финансиски да ги поддржи угостителите

38

Независната угостителска комора (НУК), во името на 6.500 регистрирани угостители со повеќе од 35.000 вработени бара јавна средба со премиерот Зоран Заев, отворена за медиумите на која би се дискутирало за, како што велат, оправданоста на „селективна рестриктивна мерка“ и за неопходноста од носење на посебен сет мерки за финансиска поддршка и помош наменета селективно само за угостителите.

Во соопштението до медиумите велат дека мерките што ги усвои вчера Владата се одлични ако се споредат со мерките од соседството и земјите членки на ЕУ.

„Новите вчерашни рестриктивни мерки не се популарни не заради самите нив туку заради неодговорноста на Владата веднаш со усвојување и донесување на истите да не дискутира и усвои начини на обештетување на угостителите или соодветна финансиска подршка и помош за надомест на штетите што ќе настанат како резултат од нивната примена. Финансиската поддршка и помош која Владата има за обврска да ја обезбеди како сите нормални здрави економии кои целосно ги затворија угостителските објекти и ги надоместија не само загубите, туку и трошоците од неработењето во интерес на одржување на бизните во угостителската индустрија целосно во функција.

Ако навистина Владата требало да бира како што напомена премиерот, меѓу задоволството и профитот од една страна и одговорноста и здравјето од друга страна, тогаш целосното затворање по примерот на другите земји требаше да е вистинскиот избор по здравјето на сите нас, мерка која би била проследена со соодветна финансиска поддршка и помош. Парцијалните и селективни рестриктивни мерки некординирани со соодветна финансиска поддршка со кои во континуитет е опфатена само угостителската индустрија ги води угостителите и бизнисите од пропратните индустрии во целосна кома и колапс“, се наведува во соопштението.

Оттаму прашуваат за каков и чиј профит се дискутира, бидејќи тие како угостители оваа година не можеле да го „помирисаат“, а а не да го осетат.

„Дали случајно се однесува за профитот што Владата ќе го оствари со новите рестриктивни мерки со кои наводно ги остава угостителите да работат со цел да ја избегне обврската за финансиска поддршка и помош која настана од воведувањето на рестриктивните мерки.

Доколку Владата нема намера јавно да седне на маса и се соочи со угостителите, тогаш најмалку што може е јавно да одговори на ова наше барање и да се изјасни дали со донесувањето на новите мерки воопшто предвиделе, планирале и дискутирале да се надомести целосно или парцијално штетата со воведувањето на новите рестриктивни мерки“, додаваат од НУК.