Нуредини: Нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји

6

Од опасен отпад, Министерството за животна средина издало дозволи за увоз единствено за „оловни акумулатори“ во количина од 12,500.00 тони, за правни субјекти кои поседуваат дозвола за нивен третман и преработка. Тие потоа се реупотребуваат, препродаваат или извезуваат како производи во и надвор од земјата. Само една инсталација во државата поседува дозвола за увоз на алтернативно гориво РДФ во количина до 25,000 тони годишно.

Ова денеска го изјави министерот Насер Нуредини на прес-конференцијата, во пресрет на најавениот протест пред Собрание организиран од движењето FridaysForFuture.

„Најголемата количина на увезен отпад во нашата земја претставува отпадно железо и челик, кои се класифицирани како неопасен отпад, но инсталациите ги користат како суровина, од која по преработката се добива производ што се пласира на пазарот“, рече тој.

Министерот го цитираше постојниот закон, според кој во земјата е дозволен единствено увозот на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето и кој безбедно да се користи како суровина или безбедно да се користи како извор на енергија.

„Увоз на отпад заради складирање и депонирање не е дозволен во нашата земја, и јас како Министер нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји. Напротив, ќе дозволиме единствено отворање на пазарот за спроведување на начелата на циркуларна економија, односно преработка, ре-употреба, рециклирање и овозможување на укинување на статусот на отпад преку негова еколошка употреба за намена различна од првичната“, изјави Нуредини.

На прес-конференцијата присуствуваше и директорот на Царинска управа на РСМ Ѓоко Танасовски, со кој имале состанок на кој се разговарало за начините на вршењето на надзор врз количините на увезен, транзитиран и извезен отпад на територијата на земјата.

„Спроведениот вонреден инспекциски надзор пред два дена на граничниот премин Богородица, е еден пример како може институциите координирано да постапуваат. Па така, Царината иницираше вонредна контрола на пратка со РДФ отпад, и тие се координираа со нас и со Државниот инспекторат за животна средина за да ги поддржиме при контролата. Беше извршен увид на документацијата која беше уредна, беа земени примероци од страна инспекторите и царинските служби, а во моментов сме во исчекување на резултатите кои се анализираат од соодветна акредитирана лабораторија, кои ќе бидат споделени со јавноста штом ги добиеме“, рече министерот Нуредини.

Неделава се сретнале со новоименуваниот в.д. директор на Дрисла, Коста Начески, додека претставници од Министерството и Државниот инспекторат го посетиле локалитетот.

„Разговаравме за фактичката состојба на теренот на депонијата, односно видот, потеклото, количините и начинот на третирањето на отпадот, како и предизвиците во управувањето со претпријатието. Дрисла е депонија и согласно законот и дозволата за работа нема право да се јави како увозник на отпад. Во нашата земја е забранет увоз за складирање и депонирање“, спомна Нуредини.

Тој се осврна и на скандалот со увозниот отпад кој излезе во бугарските медиуми. Имено, стануваше збор за 102 контејнери со италијански отпад кои беа откриени во пристаништето во Варна, а примател на отпадот е фирмата „Блацион“ во која учество имаат двајца македонски државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов кој до минатата недела беше директор на „Дрисла“. Нуредини соопшти дека неодамна воспоставиле контакт со бугарското министерство за поголема соработка.

„Покрај тоа, во рамките на своите надлежности, Управата за животна средина при Министерството работи на обработка на податоците во однос на видот и количините на увезен, извезен и транзитиран отпад низ територијата на Република Северна Македонија, односно регистрите со правни лица кои поседуваат дозволи за оваа намена, со цел нивно споредување со евиденцијата на Царинската Управа и Државниот завод за статистика. Штом биде извршена соодветната корелација на податоците и регистрите, јавно ќе бидат објавени сите издадени дозволи за увоз, извоз и транзит на отпад и колку всушност од дозволените количините компаниите ги искористиле“, изјави министерот Нуредини.

Во меѓувреме, активисти и граѓани се собираат пред Собранието на нов мирен собир, со кој бараат средба со претседателот Талат Џафери за да добијат објаснување зошто донесувањето на предлог-законот против увоз на опасен отпад, како што велат континуирано се одложува.