Нухиу: Моралната оставка не значи вина – функционерите на ДУИ ќе одговараат ако има сомнежи за пожарот

2

Ако постои дури и зрно сомнеж за кривична одговорност, функционерите на ДУИ кои поднесоа оставки поради трагичниот пожар во ковид-болницата во Тетово, ќе одговараат за сите дејствија, изјави вечерва заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој учествува во дебата посветена на случајот во Тетово на телевизијата Алсат.

„Моралната оставка не значи вина“, рече Нухиу, и додаде дека ДУИ како партија докажала дека нејзините членови сносат одговорност пред органите.

„Ние секогаш се залагаме да се зајакнат институционалните капацитети и да се преземат мерки според процесите“, додаде тој.

Во дебатата во емисијата „200“ на Алсат учествуваа Нухиу, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Вјолца Бериша од Алијанса на Албанците, додека, според новинарот и водител Назим Рашиди, претставниците на СДСМ во последен момент го откажале учеството.

Милошоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ смета оти со потегот со кој бараат оставките да бидат поднесени во Собранието „ќе се изврши дополнителен притисок во позитивна смисла, оставките на министерот и заменикот министерот да бидат констатирани“.

„Ние дадовме две опции, едната опција е собраниското мнозинство да ја прифати оваа точка на Дневен ред и да се констатираат оставките не министерот Венко Филипче и неговиот заменик господинот Хасани, кој што бвидовме дека се врати на неговото работно место. И втората опција бидејќи претседателот на Собранието Џафери кажа дека не зависи од него туку зависи од премиерот, побаравме еден час пауза бидејќи Владата не е далеку од Собранието и еден курир може да ги донесе двете оставки до Собранието и да ги констатираме во текот на денот”, рече Милошоски.