Обвинението против Трамп пристигна во Сенатот: Судењето почнува во февруари

29

Судењето во Сенатот официјално треба да започне на 8 февруари бидејќи така претходно се договорија републиканците и демократите. Републиканците инсистираа на тоа со цел да му се даде време на Трамп да подготви одбрана, а демократите се согласија бидејќи од друга страна, Сенатот ќе има време да ги потврди номинациите на Бајден за новите функционери
Обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп пристигна во Сенатот, каде на 8 февруари треба да започне судењето. Тој е обвинет дека го поттикнал востанието од неговите приврзаници кои на 6 јануари упаднаа во зградата на Конгресот.

Судењето во Сенатот е во рамки на постапката за импичмент која ја покренаа демократите. Обвинението денеска го доставија девет конгресмени откако претходно на 13 јануари, Претставничкиот дом му изгласа импичмент, со што постапката се префрли од Долниот (Претставничкиот) во Горниот дом (Сенатот) на Конгресот.

Доколку Трамп биде прогласен за виновен од страна на Сенатот, тогаш ќе се овозможи и посебно гласање за тоа дали да му се забрани повторно да се кандидира за јавна функција на федерално ниво. Ова е важно, со оглед дека по поразот од Џо Бајден на изборите во ноември лани, веднаш почнаа да кружат гласини дека тој размислува за повторна кандидатура на изборите во 2024 година. Според американскиот Устав, функцијата претседател може да се извршува најмногу во два мандати.

Судењето во Сенатот официјално треба да започне на 8 февруари бидејќи така претходно се договорија републиканците и демократите. Републиканците инсистираа на тоа со цел да му се даде време на Трамп да подготви одбрана, а демократите се согласија бидејќи од друга страна, Сенатот ќе има време да ги потврди номинациите на Бајден за новите функционери.

Ова ќе биде второ судење на Трамп. Претходното се одржа во јануари 2019 откако демократите покренаа импичмент со обвинение дека ги злоупотребил своите овластувања за да изврши притисок врз Украина да ги испита Џо Бајден и неговиот син Хантер, поранешен член на одборот на украинска енергетска компанија, и дека ја опструирал истрагата во Конгресот во врска со тоа прашање. Претставничкиот дом тогаш изгласа импичмент, но судењето кое потоа следуваше во Сенатот, заврши во негова полза.

Со изгласувањето на импичмент во Претставничкиот дом овој јануари поради упадот во Конгресот, Трамп стана првиот претседател во историјата на САД за кого Долниот дом изгласал отповикување.