Обвинителката Јосифовска тврди: Јанева нареди да му се даде пасош на Камчев

23

Таа рече дека стручен соработник од кај Лиле Стефанова и донел стручно мислење кое било позитивно и по наредба на Јанева било одобрено враќање на патната исправа на Јордан Камчев.

Обвинителката Елизабета Јосифовска денеска сведочи во случајот “Рекет”. Од 2015 до септември 2019 година, работеше во Специјалното јавно обвинителство. Таа и нејзината тогашна колешка Ленче Ристовска и беа заменички на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Случајот “Империја” го водеше колешката Лиле Стефанова. Конкретни факти за тој случај многу малку ми се познати. Колку се сеќавам имаше одреден притвор за некој обвинети. Кон крајот на декември 2018 се расправаше за тековни работи. Стефанова достави решенија за одбивање на барањата за прекин на притвор, а шефицата и рече да ги преработи и да напише домашен притвор. Колешката Стефанова знам дека реагираше и се противеше на таквото мислење. Знам дека тогаш се спомнаа три-четири лица меѓу кои Јордан Камчев, Цветан Панделески и Сашо Мијалков. Се сеќавам дека на друг состанок кај шефицата на СЈО од колегите Стефанова и од Бурим Рустеми побара да направат пресметка обвинетите да ја платат штетата кон државата и со тоа обвинетите во “Империја” да не одат во притвор – рече обвинителката Јосифовска.

Таа рече дека стручен соработник од кај Лиле Стефанова и донел стручно мислење кое било позитивно и по наредба на Јанева било одобрено враќање на патната исправа на Јордан Камчев.

– Одбраната барала времена патна исправа со важност од осум месеци. Јас на крај потпишав документ без назначување на временски рок – рече сведокот Јосифовска.

Јосифовска, на прашања на одбраната на обвинетата Катица Јанева потврди дека таа не можела да ги знае сите факти дали против некое лице се води и друга истрага, туку сите податоци ги знаела само Јанева.

На прашање дали во некој предмет во кој таа постапувала на некој обвинет од СЈО му бил даден времен пасош, сведокот рече:

– Да, времен пасош му беше даден на обвинетиот Драган Павловиќ -Латас за лекување на болен член на неговото семејство.

Таа рече дека од неа никој никогаш во СЈО не побарал или да не преземе одредени мерки во некој случај или обвинет.

Во овој случај првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 е обвинет за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Јанева е второобвинета и се терети дека сторило кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.