Обезбедено е мнозинство за донесување на измените во Деловникот и за избор на потпретседатели

25

Само еден пратеник од опозицијата, според информациите во Собранието, е моментно во изолација поради ковид-19.

Пратениците од мнозинството кои беа во изолација се вратени на работа, така што спикерот Талат Џафери очекува денеска да биде утврдена потребата за измени на Деловникот, со цел да се обезбеди можност за онлајн-учество на седниците на пратеници кои се во изолација.

Потоа, за измените на Деловникот што ги предложи Џафери би расправала Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Џафери на денешниот брифинг рече дека предложените измени за онлајн-работење се однесуваат само за ситуации како епидемија или пандемија и само за пратеници кои во даден момент би биле во изолација,, така што за вклучување во работата на парламентот од далечина би требало да достават и потврда од ДЗСИ.

Измените во Деловникот, на кои се противи опозиција, би се донеле по скратена постапка. Исто така, се очекува денеска до парламентот да бидат доставени предлози за избор на двајца потпретседатели, со поддршка од по 20 пратеници. Според најавите, кандидати за потпретседатели на Собранието ќе бидат Горан Мисовски од НСДП и Фадил Зендели од Беса.