Обилни дождови и поплави го погодија арапскиот регион, евакуирани стотици странски туристи од Петра

4

 

Обилни дождови зафатија делови од арапскиот регион во изминатите неколку дена, предизвикувајќи поплави. Некои области се зафатени со врнежи од град.

Во Јордан поради поплавите како резултат на поројните дождови евакуирани се стотици странски туристи од античкиот град Петра, јавија јорданските медиуми.

– Количеството дожд што падна во градот беше преголемо и предизвика поплави, рече шефот на управата на територијата на Петра, Сулејман ал-Фарјат, според јорданскиот весник „Адустур“.

Нема информации за жртви.

Ретки врнежи од град беа забележани во Кувајт откако оваа земја во Заливот богата со нафта беше погодена од обилни дождови.

Поради дождовите затворени се училиштата во Мускат, главниот град на Оман, а во некои делови имаше и прекин во сообраќајот.

Минатата недела поплави како резултат на обилните дождови го зафатија и градот Мека во Саудиска Арабија. Властите соопштија дека нема жртви.