Ограбен починат од ковид-19, ќерката прашува: Колку болен ум треба да имаш за вакво нешто?

97

Ќерката на починат од ковид-19 на скопските клиники го споделува немилиот настан кој се случил во најтешките денови за семејството. На нејзиниот татко од џеб му бил украден паричникот во ковид-одделот каде бил сместен.

Ние тукушто го погребавме татко ми и го испративме во неговиот вечен дом. Скршени сме од болка… Не можам да се помирам со фактот дека на човек кој на мравка не згазнал цел живот, кој на сите им излегол во пресрет за сè во животот, биде ограбен на мртво во одделот кај што беше сместен во ковид центарот на клиника, каде освен вработени со скафандери и каде што само персоналот смее да се движи, му се буквално од џеб украдени новчаник со парични средства и платежни картички со се лични документи негови и на мојата мајка за кој беше тој ополномштен. Се прашувам колку треба да бидеш болен во умот за да посегнеш да крадеш од човек кој веќе не е меѓу живите, се прашувам исто така како тој истиот болен ум спие ноќе…, прашува таа.

Засега случајот не е пријавен во МВР, но оттаму велат дека слична кражба беше пријавена пред три недели во Штип, кога од починат пациент на Инфективното одделение во тамошната болница му беше украден златниот накит.

Според пријавата, околу 14 часот на 10 ноември на Инфективното одделение дошле вработени од погребно претпријатие да го подигнат телото на починатото лице, при што го побарале златниот накит за да ѝ го предадат на фамилијата, но од страна на засега непознато лице накитот е одземен.

Полицијата работи на расчистување на настанот.