Одборот за буџет на Бундестагот одобри купување на американски авиони Ф-35

0

Одборот за буџет на германскиот Парламент (Бундестаг) денеска го одобри купувањето на борбени авиони Ф-35 од американската компанија „Локид Мартин“ во вредност од 10 милијарди евра, изјавија двајца членови на комисијата.

Станува збор за еден од првите големи одбранбени проекти за кои Берлин ќе ги искористи средствата од специјалниот фонд од 100 милијарди евра, што канцеларот Олаф Шолц го најави во големата промена на германската одбранбена политика, на само неколку дена по почетокот на руската инвазија врз Украина, што почна на 24 февруари.

Средствата се наменети за враќање на оружјето и опремата на Бундесверот на високо ниво, по децениските кратења на финансирањето од крајот на Студената војна.

Германија има намера да купи 35 „стелт“ борбени авиони Ф-35 со проектили, друго оружје и опрема, а првите осум авиони ќе бидат испорачани во 2026 година.

Американските авиони ќе ги заменат застарените „Торнадо“, единствениот германски авион способен да носи американски нуклеарни бомби стационирани во Германија за употреба во случај на конфликт.