Оддадена почит и положено цвеќе на гробот на првиот претседател Киро Глигоров

4

 

Делегација на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, на градските гробишта Бутел, положи цвеќе на вечното почивалиште на претседателот Киро Глигоров.

Денеска се навршуваат 11 години од смртта на првиот претседател на Република Северна Македонија Киро Глигоров, кој на 8 септември 1991 година, после успешниот референдум ја прогласи независноста на државата.

Од Владата во соопштение потсетуваат дека претседателот Глигоров беше првиот македонски претседател кој се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации на 8 април 1993 кога Република Македонија стана 181 членка на ОН.

-Претседателот Глигоров во сите негови чекори визионерски го избираше патот напред кон стабилна иднина и ја виде државата како заеднички дом за сите. Веруваме дека денес би бил горд затоа што Република Северна Македонија успешно ја развиваме во тој правец, наведува во соопштение владината прeс-служба.

Цвеќе на вечното почивалиште на Глигоров положи и делегацијана СДСМ претставена од генералниот секретар Миле Зечевиќ, потпретседателот Стефан Богоев и Ѓунер Исмаил.

Од СДСМ истакнаа дека претседателот Глигоров беше политичарот кој со својата мудрост ја обезбеди независноста на државата, кој успеа да ја зачува нејзината безбедност во период кога регионот беше зафатен од виорот на војната.

-Македонските граѓани и членовите на СДСМ со особена почит се сеќаваат и ги вреднуваат државните достигнувања на претседателот Глигоров кој го отвори европскиот пат на земјатаСо членка книшка 001 на СДСМ, Глигоров со својата мудрост, храброст и визионерство, ги постави темелите на независна, демократска суверена држава која е признаена од целиот свет, која денеска е дел од НАТО и наскоро ќе стане дел од ЕУ.  Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како одговорна и државничка партија ги негува и спроведува вредностите што претседателот Глигоров ги остави зад себе, стои во соопштението.

Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.

Беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

На 3 октомври 1995 година преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“.

По пензионирањето беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.