ОДИХР првите наоди од изборите ќе ги каже на 16 јули

27

Специјална мисија за проценка на изборите ја започна својата работа во Скопје на 22 јуни, т.е. пред официјалниот почеток на изборната кампања, а ќе биде распоредена до 23 јули.

Специјалната мисија за проценка на предвремените парламентарни избори во нашата земја на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ, ден по изборите на 16 јули ќе илезе со прелиминарни наоди и заклучоци во врска со изборниот процес, а конечниот извештај ќе го објави околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки, најави во интервју за МИА Лаима Андрикиене – шеф на Специјалната мисија на ОДИХР во земјава.

– Набљудувачките мисии на ОДИХР се посветени на принципот на немешање и затоа не издаваме проценка пред денот на изборите, но на 16 јули ќе издадеме изјава за прелиминарните наоди и заклучоци во врска со изборниот процес. Истиот ден ќе одржиме прес-конференција на која ќе ги презентираме овие наоди. Нашиот Конечен извештај ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки – исткнува Андрикиене.

Таа појаснува дека Мисијата внимателно и длабоко ги следи сите аспекти на изборниот процес. Основниот тим се состои од девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ. За тековниот формат на Специјалната мисија за проценка на изборите, распоредена во Северна Македонија, имаат акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.

Нивните аналитичари опфаќаат теми кои вклучуваат: изборна администрација, регистрација на избирачите, политичка кампања и финансирање на кампањата, медиумско покривање на изборите, поплаки / жалби и механизми за решавање спорови и целокупната правна рамка за изборниот процес. Мисијата, посочува Андрикиене, вклучува и сеопфатен мониторинг на медиуми во текот на периодот на кампањата, што ќе придонесе за проценка на кампањата.

-Ние сме тука да ја процениме усогласеноста на изборниот процес со меѓународните обврски и стандарди, како и со националното законодавство. Ние сме многу заинтересирани да ги следиме мерките што се применуваат во различни фази на изборниот процес заради пандемијата на КОВИД-19, така што внимателно ги следиме и прилагодувањата на постапката на денот на гласање. Во исто време, би сакала да истакнам, дека ние самите живееме и работиме строго според дадените препораки, истакнува шефицата на Мисијата на ОДИХР.

Активностите за набљудување ќе бидат прилагодени во услови на пандемијата со ковид.

– Сите ние живееме и работиме во оваа земја во едно исто опкружување, на нашите активности за набљудување влијаат и пандемијата КОВИД и нашата мисија треба да се прилагоди на моменталната состојба. Нашата мисија треба да ги ограничи своите патувања на минимум со цел да го минимизираме нашиот епидемиолошки отпечаток во оваа земја, нашите патувања во текот на денот на изборите ќе бидат ограничени и затоа што ние им даваме приоритет на безбедноста на набљудувачите и на граѓаните на земјата домаќин – посочува Андрикиене.

Специјална мисија за проценка на изборите ја започна својата работа во Скопје на 22 јуни, т.е. пред официјалниот почеток на изборната кампања, а ќе биде распоредена до 23 јули.