Одлуката за отворање на границите не е ниту политичка, ниту поврзана со изборите, вели Спасовски

Одлуката за отворање на границите апсолутно не е во корелација со изборниот процес, ниту е политичка одлука, туку е донесена врз основа на анализите на Комисијата за заразни болести кои се базираат на епидемиолошката слика кај нас, во регионот и пошироко, изјави премиерот Оливер Спасовски.

11

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција дали одлуката за отворање на границите е преуранета, Спасовски рече дека проценката била дека ова е моментот кога треба да се отворат границите и да има проток на луѓе, стоки и услуги.

„ЕУ ги отвори границите заземјите членки, а од 1 јули ќе ги отвори и кон трети земји, вклучувајќи го и нашиот регион. Мора да се научиме дека треба да живееме се вирусот, со заштитни мерки, носење заштитна опрема и држење дистанца. Мора да го промениме начинот на живот. Колективните мерки за заштита го дадоа својот резултат и максимум, сега треба преку личните мерки сите да придонесеме“, изјави Спасовски.

Тој додаде дека сите услови за заштита на здравјето се исполнети и дека и за време на кампања и на денот на изборите важат истите протоколи кои вклучуваат носење заштитни маски, држење дистанца, дезинфекција и ограничување на собирите, ако се во затворена просторија до 30 луѓе, ако се на отворено максимум до 50 луѓе.

Спасовски, како што кажа, не гледа причина да нема фер и демократски избори и додаде дека говорот на омраза и нападите треба да се заменат со проекти и визија за иднината на земјата.