Од денеска забрана за движење од 20 до 5 часот

28

Од денеска во 20 часот до 05 часот почнува забраната за движење во земјата која ќе трае две недели. Целосно се затворат кафеаните, кафулињата, обложувалниците, фитнес центрите, реши вчера македонската влада. Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт. Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Обложувалниците ќе можат да работат без да примаат гости во своите објекти и уплатите да ги вршат преку наплатен пункт. „Бројот на новозаразени постојано расте, бројот на починати од корона расте, досега здравствените работници се справуваа со предизвиците, но, сега постои сериозно оптоварување на здравствените работници кои деноноќно и со сите сили се во битката за спасување човечки животи. Ова е најголемо оптоварување на здравствените систем од почетокот на пандемијата. Ова е моментот кога е потребно да ги пресечеме многу сериозните последици“, рече премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630. Вкупно биле заразени 134 867 лица. Досега полицискиот час почнуваше од 22 часот, а угостителските објекти работеа до 21 часот.