Од притвор избега и поранешниот телохранител на Сашо Мијалков

36

Драганчо Стоименов или познат како Дацо Белски, поранешен телохранител на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, избегал од домашен притвор.

Информацијата за „Фокус“ ја потврдија од МВР.

-На лицето за кое прашувате судот му одредил мерка куќен притвор, и според надлежноста полицијата неколку пати во текот на денот прави проверки. При последната проверката извршена вчера е констатирано дека лицето не е дома односно не ја почитува мерката на судот и за тоа веднаш е известен судот. По наредба на судот веднаш се преземени мерки и активности за пронаоѓање на лицето, велат од МВР.

Стоименов, се гони за обид за убиство на Драган Здравев, во кого пукаше додека седел во кафуле во Кочани. По инцидентот осомничениот избега, а потоа самиот се пријави во полиција.

Дрганчо Стоименов беше толохранител на Мијалков и додека тој беше во притвор редовно присуствуваше на судските рочиште за случаите во кои е обвинетпоранешниот шеф на УБК. Тој беше клучниот сведок во случајот „Детонатор“ во којшто беа осудени лица од Кочани и Виница дека неколку пати, на различни начини се обиделе да го убијат Стоименов, а дел од обвинетите беа осудени и на доживотни казни.

Стоименов беше во судир и со обвинетиот за упадот што се случи во Собрание, Александар Василевски – Нинџа кој заедно со Никола Митревски Кољо пред пет години го нападнаа, а Василевски пукаше кон него и го рани. Тогаш Нинџа беше осуден на десет месеци затвор.