Од штрајкот губат сите – и децата, и наставниците, и државата, смета Шаќири

11

Од прекин на работа во чувствителна дејност како што е образованието губат сите – и децата, и наставниците, и државата, рече министерот за образование и наука Jетон Шаќири во емисијата „Програма 200“ додавајќи оти штрајкот не смее да биде прв чекор на синдикална борба, не може да почнете преговори со такво условување.

Тој дополни и оти ставот и на Владата и на МОН е дека платите на наставниците треба да се зголемат, а дека по пат на преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи.

„Да мислевме дека платите не треба да се зголемат, ќе се спротивставевме уште на првите средби со СОНК, и ќе ги прекиневме преговорите. Но, тоа не го направивме. На секоја средба истакнувавме дека треба да се види секоја добра можност за да се зголемат. Но, изминатите две години имавме здравствена криза, и сите знаеме како функционираше образовниот систем во таа ситуација. И синдикатот и јас знаеме дека се боревме за опстанок, само да го заштитиме здравјето“,рече Шаќири.

Во гостувањето на емисијата Шаќири посочи дека се прават буџетски анализи за што побрзо да се одговори на барањето на СОНК и да се види колку најмногу може да се исполни и кој е најсоодветен модел. Како што рече, го радува зголемувањето на минималната и просечната плата, но успехот ќе биде постигнат кога овие два показатели ќе може да се усогласуваат и со платите во образованието.

Тој додаде дека според измените во Законот за минимална плата сите што добиваат плати под минималецот, треба да се израмнат со минималната плата, а по усвојувањето во рок од 6 месеци, треба да се усогласат сите плати.

„Ние ова го правиме побрзо, дискутираме и ја гледаме секоја можност. Затоа, велам дека имаме разбирање и уште од првото синдикално барање ние сериозно се нафативме со решавање на предизвикот“,додаде Шаќири.

Во меѓувреме, СОНК се уште нема добиено покана од Владата ниту од ресорните министерсва во однос на продолжување на преговорите по однос на нивните барања за усогласување на платите во образовниот сектор со минималецот. За ова на фејсбук информираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

„Добро утро, добар ден! Нека денешниот ден среда биде среќен ден за сите нас. Да се надеваме дека денес ќе бидеме повикани на преговори и ќе ни биде дадена разумна понуда. Дотогаш, среќно!“, напиша утринава на Фејсбук првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.