Од 14 донесени тела на загинатите во пожарот во Тетово, до сега завршени се четири обдукции

25

Телата на 14 починати во вчерашниот пожар во Тетово се предадени во Институтот за судска медицина во Скопје. По наредба на петте обвинители кои се вклучени во истрагата, се прават обдукции врз починатите во пожарот кои настрадаа лекувајќи се од ковид-19.

Од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје за МДК.мк велат дека четири обдукции во текот на ноќта веќе се завршени и дека се прават под посебни протоколи, бидејќи се работи за пациенти позитивни на ковид-19. Од таму додаваат дека во текот на денот ќе бидат завршени сите обдукции, а потоа ќе се чекаат анализите за постапките за утврдување на причината за смртта и изготвување на обдукционите наоди кои треба да се предадат во Обвинителството и да помогнат во истрагата. По завршување на ДНК анализите ќе се знае и идентитетот на настраданите.

Уште вчера по настанот во Институтот за судска медицина се формирани 5 тимови со по 2 судски медицинари кои заштитени во скафандери, штитници и друга опрема за заштита од ковид-19, работат комплетни анализи кои треба да утврдат од што настанала смртта, но и ДНК анализа за да го утврдат идентитетот на починатите.

До сега од почеток на пандемијата на Институтот за судска медицина направени се околу 30 обдукции на починати лица кои биле позитивни на ковид-19.

Денес ќе се завршат и оние на телата кои вчера беа донесени, а колкава е точната бројка на починати за сега не се знае. Официјално потврдени за сега се 14 жртви.

Се очекува во текот на денот надлежните да соопштат повеќе официјални детали.