Оксфорд паузира со вакцинирање деца и тинејџери со „Астра Зенека“

6

Зголеменото производство и правичната дистрибуција на вакцини остануваат главни пречки за спречување на ширењето на пандемијата на коронавирус, вели шефот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејсус.

Тој го нарече „травестија“ тоа што многу од земјите ширум светот сè уште немаат вакцини против новиот вирус.

На Светскиот ден на здравјето, светките лидери зборуваа и за т.н. „вакцинален апартхејд“, според кој одредени земји не по своја вина сеуште чекаат за вакцини и покрај тоа што платиле депозит за нив.

По контроверзиите поврзани со вакцината Астразенека, Универзитетот „Оксфорд“ објави дека престанува да ја тестира вакцината врз деца и тинејџери поради страв од згрутчување на крвта кај помладите. Деца од 5 до 17 годишна возраст до сега учествуваа во тестирањето на вакцината на „Оксфорд“, кое што започна во февруари годинава. Од Универзитетот известија дека ова е чекор на претпазливост, додека го чекаат ставот на британското здравствено регулативно тело.

Во меѓувреме Мексико ја одобри за итна употреба на вакцината против Ковид-19, Коваксин, развиена од индиската фармацевтска компанија Биотек. Со Коваксин, Мексико има одобрено шест вакцини против Ковид-19. Компанијата веќе соопшти дека во третата фаза од тестирањето вакцината покажала ефикасност од 81 процент во спречување на вирусот „по втората доза кај оние кои немале претходна инфекција.

Австралија најави дека ќе побара од Европската унија да го деблокира извозот на над три милиони дози од вакцината Астразенека. Унијата пак вчера го оспори тврдењето дека ја блокира испораката на вакцини во Австралија, која драматично заостанува во планот за вакцинирање, додавајќи дека таа не е одговорна за фактот дека компанијата Астра Зенека не ги почитува договорените обврски за дистрибуција на вакцини кон другите земји.

Австралискиот премиер Скот Морисон рече дека Австралија, доколку ЕУ дозволи извоз на вакцини, ќе донира еден милион дози на Папуа Нова Гвинеја, која се бори со епидемијата и растечкиот број на заразени лица.

Европската унија минатиот месец, на барање на Италија, го блокираше доставувањето на 250.000 дози на вакцината Астра Зенека во Австралија.