„Опера и балет под ѕвездите“ на платото пред НОБ

6

„Опера и балет под ѕвездите“ е наслов на настанот организиран од Национална опера и балет, што ќе се одржи на 25 септември, од 21 часот, на платото пред НОБ. Присутната публика ќе има можноста да ужива во оперски гала концерт и балетска претстава, по пауза од неколку месеци поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Како што соопштија од Националната опера и балет, во рамките на ексклузивниот оперски гала концерт ќе настапат солистите Сандра Митровска – сопран, Катерина
Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Владимир Саздовски – бас, во придружба на Оркестарот при Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Во вториот дел, публиката ќе има можност да го проследи балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвена во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца.

Од НОБ соопштија дека влезот за публиката ќе биде отворен во 20.30 часот. Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани на отворено, одобрени од Комисијата за заразни болести.

Билетите во строго ограничен број се пуштени во продажба онлајн.