Опозицијата тргнува во протестна „блокада на Скопје“

8

Поради немање увид во разговорите меѓу Скопје и Софија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска напладне повика на обединувачки и натпартиски протест.

Продолжуваат напорите да се дојде до решение за надминување на недоразбирањата меѓу Софија и Скопје, неофицијално потврдуваат за ДВ извори од македонската влада, но без дополнителни детали околу шансите за успех на тој процес. Потврда дека процесот продолжува, но дека не е лесен, синоќа дојде и од германската канцеларка Анегела Меркел.

Но, за што се разговара? Тоа е главното прашање што го поставува најголемата опозициска партија, која вчера попладнето му постави и ултиматум на премиерот Заев.

„Го повикуваме премиерот во заминување Зоран Заев јавно да објави пред македонската јавност за што точно тајно се преговара во Софија овие денови? Заев во интервју за бугарски медиум соопшти скандалозни тези ретуширајќи ја историјата, нашите придобивки од антифашистичката борба, удирајќи по темелите на современата Македонска држава. Дали искажаните позиции за кој не се извини сега се на маса за пазарење со Бугарија? Доколку Заев јавно не излезе до вечер (30.11. – н.з.) за што точно преговара и од што точно се откажува, ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе организира блокади на Владата и Министерството за надворешни работи“, соопшти партијата.

Потврдата дека денеска ќе има протестна „блокада на Скопје“ синоќа стигна преку видео-обраќање на партискиот претседател Христијан Мицкоски.

„Само политички аматер може да потпише договор во кој критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација“, обвини Мицкоски.