Османи: Бугарија се обиде да провоцира, но мораме да останеме во процесот бидејќи немаме алтернатива за членство во ЕУ

0

„Не дозволивме да потпаднеме под провокацијата при отворањето на културниот клуб на бугарската заедница во Битола. Некои луѓе во бугарската делегација беа дојдени со цел да провоцираат реакција која ќе им биде алиби пред Европа и светот, дека во Северна Македонија се газат човековите права и правата на етничките заедници“, рече денес министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите.

Османи рече дека не е проблем отворањето на клубот во Битола туку името што му е дадено и Бугарија ќе треба да објасни пред еврејската заедница и пред светот зошто им се важни личности како Ванчо Михајлов.

„Процесот на разговори со Бугарија продолжува, нема да подлегнеме на провокации ниту на емоциите. Но ние не можеме да ги внесеме Бугарите во Уставот пред завршувањето на процесот“, рече шефот на дипломатијата. Тој дополни дека фактот што македонскиот државен врв не бил во Битола, говори дека за нас е неприфатливо клубот да го носи името на Ванчо Михајлов. „Дадовме јасна порака со тоа што не бевме дел од настанот со отворањето на клубот. Таму имаше луѓе од бугарска страна кои дојдоа со цел да провоцираат, но имаше и луѓе кои дојдоа за да ги спасат разговорите, како премиерот Петков“, рече министерот Османи.

Тој потенцираше дека не успеал наративот дека Македонија не почитува човекови права – наратив што сакала бугарската страна да го прикаже, и дека државава излегла како победник од обидот за провокација минатиот викенд.

„Не можеме да ги прекинеме преговорите со Бугарија, и да ги замрзнеме, бидејќи после 10 години пак ќе треба да се вратиме и тогаш ќе биде потешко. Ако сега правиме политика со емоции, ќе се отрезниме на најтежок можен начин. Мора да породолжима на европскиот пат, бидејќи немаме алтернатива, но ќе кажуваме и што може а што не може. Ова е тежок процес, во кој не добивме поддршка од јавноста, но некој мора да го води“, потенцираше Османи. (С.К.)