Османи – Логар: Да не се загрози европската иднина на регионот

9

Да бидам искрен, нашите очекувања се високи. Сметам дека со право и ние, и граѓаните очекуваме финализација на преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција за време на Германското претседателство со ЕУ, со што и формално ќе ги започнеме пристапните преговори за членство со Унијата до крајот на оваа година, рече шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, на денешната средба со неговиот словенечки колега Анже Логар, во Љубљана.

„Верувам дека по примерот и на другите земји кои пристапија во Унијата во последните две децении, како што е впрочем и Словенија, со позитивен пристап и отвореност ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија, и нема да дозволиме да биде загрозена европската перспектива на регионот“, истакна Османи, соопшти Министерството за надворешни работи.

Темата за почетокот на преговорите на Северна Македонија и ЕУ се во фокусот на речиси сите дипломатски средби, откако минатиот месец бугарската влада испрати коментар на нацрт преговарачката рамка до Советот на ЕУ во кој бара темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори кој се нарекува „основи и кој според новата методолигија е најважниот кластер, прв се отвора и последен се затвора.

Министерот Логар на средбата со Османи ја реафирмираше силната поддршка на Словенија за нашите евро-интеграции и изјави дека организирањето на првата Меѓувладина Конференција до крајот на годината со нашата земја ќе претставува единствен логичен исход и валоризација на сите реформски напори на Владата на Северна Македонија и на нејзината конструктивна политика во односите со соседите.