Османи: Мојот страв е дека ако до ноември не ги завршиме уставните измени, преговорите ќе прекинат

2

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека не треба да се губи време со комплетирање на уставните измени за вметнување на Бугарите и други народи во преамбулата од Уставот. Во моментов, според неговата изјава, во фаза е усогласувањето со претседателот и премиерот на државата околу започнувањето на овој процес, но неговите стравови како министер се дека преговорите со ЕУ би можеле да прекинат ако до ноември годинава не се направат уставни измени.

„Јас сум поборник дека не треба да губиме време во процесот на комплетирање на уставни измени затоа што мојот страв е дека ако ноември нè фати без завршени уставни измени, ќе прекинат преговорите, ќе го изгубиме моментот. А губењето на моментот е едно од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат и се плашам дека ќе влеземе во некакво си црногорско сценарио коешто е сега, а од кое е многу тешко потоа да се вратите со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата. Затоа сметам дека досега имаше одредени неформални координации кои јас ги нареков ’консултации низ ходници‘. Сметам дека оваа година треба да се почне со формален сет на консултации и јавни дебати во кои ќе бидат вклучени невладините организации, експертите, новинарите, јавноста и сите за да разговараме кои се аргументите про и контра уставни измени“, изјави Османи.

Според шефот на дипломатијата, во целата оваа дебата е најважно да се направи разграничување – дали овие уставни измени се проблематични за интересот на државата или станува збор за партиско-политички интерес.

„Тоа сега е измешано и не може да се прави разграничување каде е интересот на државата, а каде е партискиот интерес. Тоа ги дели луѓето, не знаат дали одреден став на политичар е затоа што сака избори и сака да биде на власт или затоа што уставните измени се ризични по државата и народот. Луѓето кои не се експерти се збунети. Важно е да направиме разграничување, каде почнува партискиот интерес, каде завршува интересот на државата. Мислам дека таа јавна дебата ќе го искристализира тој аспект. Јас сум убеден дека резултатите од таа дебата ќе бидат дека уставните измени не се спорни по ниту една основа. Уставните промени не се закана по ниту една основа, само ја збогатуваат државата, ја прават подобра и со подобар имиџ во светот“, рече министерот.

Ваквите дебати, вели тој, би ги почнал веднаш и додава дека токму на тоа и работи – иницира започнување јавни дебати за да се направат разграничувања на државниот и партиско-политичкиот интерес во процесот на уставни измени.