Османи: Овојпат навистина ни требаат беспрекорни избори заради евроинтегративниот процес

19

Овојпат е најважно да имаме фер и демократски избори заради евроинтегративниот процес, порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по средбата со претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски во ДИК.

– Овојпат навистина е тоа така. Пресвежа ќе биде во меморијата на сите земји-членки кога ќе се разговара за нас во март месец, а на 26 март ќе биде четвртиот ден од изборната кампања. Секое отстапување од нормален изборен процес ќе биде свежo во сеќавањето на земјите членки кога ќе ја носта одлуката. Затоа овој пат одговорноста е најголема, рече Османи.

Спецификата на претстојните избори, рече Османи е дека тие временски коинцидираат со вонредниот извештај кој го очекуваме во февруари и одлуката за започнување на преговори на пролетниот Самит на Европската Унија со целата подготовка и почетокот на кампањата за избори. Оттука потребата овој изборен процес да биде според највисоките европски стандарди, да ја покажеме зрелоста на државата дека заслужува да биде дел од ЕУ.

Дековски рече дека ни претстои период кога сите чинители треба да ја преземат одговорноста и овој процесот да го изведеме на најбесрекорен начин за да не дадеме алиби никому.

Вицепремиерот Османи рече дека на денешната седница на владата ќе информира за потребата за носење на измените на Изборниот законик, кои се во драфт верзија и се уште не се во владина процедура. Последната собраниска седница ќе биде закажана на 3 февруари, кажа Османи.