Османи: Правдата нема да се постигне додека Србија не одговара за злосторствата на Косово

33

Новоизбраната претседателка на Косово Вјоса Османи, изјави дека правдата нема да се постигне се додека Србија не одговара за злосторствата извршени во Косово. Според неа, Косово се соочува со дијалог „кој мора да се води на еднаков начин“. „Мирот може да се постигне само кога ќе видиме дека Србија жали, кога бара прошка и кога ќе се постигне правда за оние кои страдале од своите злосторства“, изјави Османи. Таа вети дека ќе работи на зајакнување на државата, владеењето на правото, „за да се заштити секој сантиметар од земјата“. Османи беше избрана за претседател во третиот круг на гласање. За нејзиниот избор гласаа 71 пратеник, а 11 гласачки ливчиња беа неважечки. На гласањето присуствуваа 82 пратеници. Мандатот на Претседателот на Косово е пет години.

Косово беше без претседател од 5 ноември 2020 година кога Хашим Тачи се повлече од таа позиција, бидејќи Специјализираниот суд го потврди обвинението против него за воени злосторства и злосторства против човештвото. Истиот ден, Вјоса Османи, како претседател на Собранието на Косово, ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на Косово, која на 22 март му ја предаде на новиот претседател на косовскиот парламент, Глаук Коњуфца. Во случај да не беше избран претседател, Уставот на Косово предвидува распуштање на Собранието и распишување нови избори, кои мора да се одржат во рок од 45 дена.