Османи: Се надевам дека во Софија нема да се изгради споменик на гробот на проширувањето на ЕУ

15

Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата која ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика во ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување.

Ова денеска од Скопје го порача шефот на дипломатијата Бујар Османи зборувајќи на тема за преговорите со Бугарија и за тоа дали има шанса да се промени ситуацијата за Северна Македонија со оглед дека Самитот на ЕУ ќе се одржи наредната недела.

„Се разбира дека времето е кратко, во прашање се денови во рацете на Република Бугарија, земја која 2018 година ја врати европската агенда на Западен Балкан преку Самитот во Софија, а потоа таа агенда ја запечати Загреб во текот на нивното претседателство. Дали сега, пак во Софија ќе се погребе, за жал ќе користам таков збор, таа перспектива на Западен Балкан? Очите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија каква одлука ќе преземе. Мислам дека граѓаните на Република Бугарија не сакаат да бидат кочничари на европска иднина на 18 милиони луѓе бидејќи ова не е веќе прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан има воопшто европска перспектива“,рече Османи.

Министерот порача дека е оптимист оти во овие турбулентни времиња секој ќе ја разбере својата улога и ќе преземе стратешко лидерство со што ќе се испрати порака кон граѓаните од Западен Балкан дека и тие еден ден ќе бидат дел од ЕУ.

Тој повтори дека последната средба со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која сега е во оставка, била еден од подобрите што ги имале и бил напред и бил направен прогрес во погледните што било основа да се продолжи со преговорите. Меѓутоа, по излегувањето на партијата Има таков народ од каде дојде и оставката на Генчовска, Османи вели дека сега се во очекување да видат како ќе ги продолжат разговорите.

Шефот на дипломатијата изјавите ги даде на заедничка прес-конференција во Скопје со хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, кој, пак, рече е премногу важно ЕУ сега да ги отвори преговорите со Северна Македонија. За тоа дали е реално да се очекува тргањето на ветото до наредната недела кога ќе се одржи Самитот, Радман порача дека технички сè е можно.