Османи: Станува појасно дека Софија не ги спори идентитетските атрибути

16

„Во Белгискиот парламент на средби со претседателките на федералното собрание и на Сенатот на Кралството Белгија, Елиан Тилие и Стефани Д’Хос. Европската интеграција на Северна Македонија како повод, но темите широки и интересни: внатрешно – политичката состојба во земјата, добрососедските политики меѓу земјите од регионот, регионалната соработка и севкупната состојба, како и за други актуелни меѓународни прашања со геополитички контекст“, е објавено на Фејсбук профилот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи после средбата со неговите домаќини при денешната посета на Белгија и вчерашната на Луксембург.

Османи оценил дека постои „разочарување на Северна Македонија и нејзините граѓани” по блокадата на Бугарија во декември за преговарачката рамка, која требаше да го означи конечно формалниот старт на преговорите за членство во ЕУ.

„Бугарската блокада, која делумно се гледа и како последица на предизборната атмосфера кај нашиот источен сосед, се однесува на повеќе прашања, од кои и чувствителни историски и идентитетски. Според министерот за надворешни работи, сепак, полека се „кристализира” бугарската позиција и станува појасно дека Софија „не ги спори идентитетските атрибути”, посочил Османи.

Шефот на дипломатијата нагласи дека на овие прашања треба секојдневно да се работи, но дека поради потреба да се разговара рационално и без емоции, најверојатно атмосферата ќе биде попозитивна по изборите во Бугарија.

Околу барањето на Бугарија да се вметне посебно поглавје во рамката за преговорите со земјава посветено на историските прашања, Османи вели дека тоа е нешто што ниту самата ЕУ не го прифаќа.