Османи ќе ја презентира програмата на претседавањето на Северна Македонија пред Постојаниот совет на ОБСЕ

1

 

Делегација на Република Северна Македонија, предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ја започнува официјалната посета на Виена во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 година.

Како што соопшти МНР, согласно работната агенда, Османи денеска ќе се сретне со министерот за надворешни работи на земјата-домаќин на ОБСЕ, Александар Шаленберг, по што ќе одржи брифинг за претставниците на медиумите со кои ќе сподели информации за програмата на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.

Османи утре ќе одржи средба со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, по што ќе следи главниот настан и неговото обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ во својство на претседавач, кога е предвидено да ја презентира Програмата на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата.

–Во своето обраќање, министерот Османи ќе се осврне на предизвиците со кои ќе се соочи Северна Македонија за време на претседавањето со најголемата светска регионална безбедносна организација во 2023 година, имајќи ја притоа предвид длабоката, политичко-безбедносна и економска криза во која се наоѓа регионот на ОБСЕ. Пред Постојаниот совет, Османи ќе ја презентира програмата на претседавање под мотото „За луѓето се работи“, во која примарен фокус ќе бидат токму луѓето и хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност, се наведува во соопштението.

Во текот на денот, предвидени се средби на Османи и со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Алаин Берсет, со чија земја Северна Македонија континуирано одржува цврсти билатерални односи. На средбата, се посочува, ќе бидат разменети мислења за актуелните случувања во регионот на ОБСЕ, како и за нејзината улога во справувањето со последиците предизвикани со руската агресија врз Украина.

На третиот и последен ден од посетата на Виена, Османи ќе се сретне со раководните структури на независните институции, како што е ОДИХР, со другите извршни тела на Организацијата, како и со шефовите на теренските мисии, вклучително и серија состаноци со специјалните претставници на претседавачот, стои во соопштението.