Основачот на Амазон, Џеф Безос, стана најбогатиот човек во светот, со богатство над 200 милијарди долари

49

Основачот на компанијата Амазон стана првиот човек со богатство од над 200 милијарди долари, објави Форбс. Земајќи ја во предвид инфлацијата на вредноста на валутата, Форбс верува дека Џеф Безос е најбогатиот човек во историјата, којшто во моментов поседува богатство од 201,6 милијарди долари.

Порастот на богатството на Безос во голема мера се должи на пандемијата од ковид-19, која што доведе до значителна промена во навиките на потрошувачите. Во јануари годинава, Безос имал 115 милијарди долари, што значи дека пандемијата му донела над 86 милијарди, а акциите на Амазон доживеале покачување од 80 отсто.

Безос ќе беше уште побогат да не беше неговиот развод минатата година, којшто важи за најскапиот развод во светот. Неговата поранешна жена Мекензи Скот во разводот добила 25 отсто од акциите во Амазон, кои денеска вредат 63 милијарди долари.

Компанијата Амазон е позната и по тоа дека Безос долго време наоѓал начини да избегне плаќање на данок. Во 2019 година по долго време платил данок на државата и тоа само 1,2 отсто, значително помалку од задолжителниот данок кој го плаќа секој обичен граѓанин на САД од 14 отсто.

Следен на листата на најбогати во светот се наоѓа Бил Гејтс со 90 милијарди помалку, односно со вкупно богатство од 116.1 милијарди.