Оставки во владата на Борисов, тој останува премиер

10

Оставки и рокади во владиниот кабинет на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

По средбата со неговите коалициски партнери, тој информираше дека прифатени се оставките на четворица министри во Владата – министрите за финансии, внатрешни работи, економија, туризам, а промена ќе има и во министерството за здравство, бидејќи досегашниот министер Кирил Ананиев е предложен да го преземе министерското столче за финансии.

„Постигнав договор со моите коалициски партнери Красимир Каракачанов и Валери Симеонов за промените во владата. Ги прифатив оставките на министерот за финансии Владислав Горанов, министерот за внатрешни работи Младен Маринов и министер за економија Емил Караниколов. Денеска во Коалицискиот одбор ги одобривме предлозите за новите лидери во овие министерства. За министер за финансии го предлагаме досегашниот министер за здравство Кирил Ананиев, а како министер за внатрешни работи – сегашниот директорот на Националната полиција Христо Терзиски. Лачезар Борисов, кој моментно е заменик министер за економија е наш предлог за министер за економија. Во рамки на Коалицискиот совет, ја прифативме оставката на Николина Ангелкова како министерка за туризам и предлагаме на ова место да дојде вицепремиерката за економски и демографска политика Маријана Николова. На местото министер за здравство, го номинираме досегашниот извршен директор на болницата „Александровска“, проф. Костадин Ангелов“,

изјави Борисов.
Во своето обраќање до јавноста тој рече дека новиот владин состав ќе продолжи да работи во корист на граѓаните и најави нови мерки за намалување на последиците од ковид-19.

„Преговорите со евро-фондовите се големи успеси за нашата земја. Ние продолжуваме да ги исполнуваме обврските кон бугарските граѓани во сите области. Наскоро ќе објавиме нови економски и социјални мерки за справување со пандемијата“,

напиша Борисов.
Промените во владата на Борисов доаѓаат во време на секојдневни антивладини протести во Бугарија, со барање за оставка на Владата и на јавниот обвинител Иван Гешев, како и одржување фер избори.

Пред два дена Борисов го „преживеа“ и петиот обид за гласање недоверба на владата, откако опозицијата не успеа да го обезбеди потребниот број гласови. Додека траеше седницата, надвор продолжија протестите.