Останува во сила мерката за задолжителен негативен ПЦР-тест за влез во Србија

19

Со воведувањето на мерката за задолжителен негативен ПЦР-тест, српските власти во пресрет на новогодишните празници го ставија во мирување договорот кој го имаше земјата со Северна Македонија и Албанија, а кој предвидуваше дека државјаните на трите земји може да се движат преку граница без ПЦР-тест
Кризниот штаб во Србија одлучи дека остануваат во сила сите постојни мерки за заштита од ковид-19, меѓу кои и задолжителен негативен ПЦР-тест за влез на српска територија, јави Н1 ТВ.

Одлуките по седницата ги соопшти министерката за вработување и социјални прашања Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ.

Мерката за задолжителен негативен ПЦР-тест беше воведена пред празниците, на 20 јануари, а во случај лицето да нема направено ПЦР-тест се предвидува задолжителен карантин од десет дена.

Покрај продолжување на оваа мерка, во сила остануваат и другите рестрикции, како забрани за собири на повеќе од пет лица, задолжителни маски на затворено, ограничено работно време за угостителите до 20 часот односно до 21 за продавниците.

Со воведувањето на мерката за задолжителен негативен ПЦР-тест, српските власти во пресрет на новогодишните празници го ставија во мирување и договорот што го имаше оваа земја со Северна Македонија и Албанија, а предвидуваше дека државјаните на трите земји може да ги минуваат граничните премини без ПЦР-тест. Српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама во октомври договорија и дека државјаните на трите земји може да се лекуваат во болниците во која било земја доколку се разболат од ковид за време на престојот.