Остри мерки во Њујорк: Казни за сите тенисери кои ќе го напуштат „меурот“ на УС Опен

4

Организаторот на УС Опен најави дека тенисерите и тенисерките кои без дозвола ќе го напуштат безбедносниот „меур“ во Њујорк ќе биде дисквалификувани и ќе добијат парична казна.

Грен слем турнирот во Њујорк треба да започне на 31. август, а организаторот најави сериозни и остри мерки за сите учесници поради пандемијата на коронавирусот.

Како што е познато од претходно, УС Опен ќе се игра без присуство на навивачи, а играчите ќе бидат во изолиран простор и доколку некој ги прекрши правилата ќе биде казнет.

Доколку тенисерот или тенисерката го напуштат „меурот“ без потпишана дозвола од шефот на медицинската служба или директорот на турнирот ќе биде исфрлен од УС Опен. Во тој случај ќе му се сметаат бодовите од минатата година, а исто така ќе заработи и парична казна.

Вчера учеството го откажа актуелниот шампион Рафаел Надал, а листата на пријавени тенисери ја предводи првиот тенисер на АТП ранг листата, Новак Ѓоковиќ.