Осумдесет и еден ученик од штипските основни и средни училишта во првото полугодие заминале во странство

5

 

Осумдесет и еден ученик од штипските основни и средни училишта се испишани, поради нивно заминување во странство. Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева денеска истакна дека оваа бројка на испишани ученици е од септември до декември 2022 година, односно за време на првото полугодие од учебната 2022-2023 година.

-Податоците ги добивме од директорите на училиштата, во средните училишта имаме 12 испишани ученици на ниво на општина, додека кај основните училишта ситуацијата е малку позагрижувачка, бидејќи таму имаме околу 69 ученика, за кои е побарано исписница. Меѓутоа добивме информација од некои директори дека се случува семејствата кои заминуваат во странство по еден месец и да се вратат повторно во своите домови. Значи има и таква тенденција забележано, вели Санева.

Прашана колку од овие ученици се вратени по еден месец, Санева со одговор дека  во проценти е околу од 20 до 30.

-Родителите на овие ученици кога заминуваат во странство, отсуството го земаат за еден месец, бидејќи толку и можат да бидат отсутни од настава и кога отсуствуваат го нагласуваат тоа и во тој месец знаат дали тие ќе останат таму или ќе се вратат и се случува да се вратат, вели Санева.

Најголем број на испишани ученици има во основните училишта „Димитар Влахов“ и „Ванчо Прќе“, конкретно во „Димитар Влахов“ има испишано 30 ученици во првото полугодие на учебната 2022-2023 година.

Соња Николовска советник во Секторот за образаование во Општина Штип на 31 август 2022 информираше дека околу 200 првачиња се надвор од воспитно образовниот процес.

-Имаме загриживачки податок во однос на бројот на родени учени во 2016 и јануари 2017 година и тие дечиња ни се обврзници за тековната учебна година 2022-2023 година. Според списокот на МВР тој број изнесува 630 ученици. Моменталната состојба какошто реков во Општина Штип е 436. Значи околу 200 ученици се надвор од воспитно образовниот процес, изјави Николовска на 31 август 2022 година.

Николовска тогаш  истакна дека во учебната 2021-2022  година само од училиштето „Димитар Влахов“ исписници од училиштето е побарано за над 50 ученици од прво до деветто одделение за заминување во странство, а во август 2022 година од страна на петтмината директори на основните училишта е најавено дека од септември во учебната 2022-2023 година во училишните клупи нема да седнат вкупно 50 ученици, заради заминување во странство со нивните родители.