Отворање на границите на 26 јуни без ПЦР тестови

34

Во петок на 26 јуни 2020 година целосно ќе бидат отворени сите гранични премини за непречано движење на патници и возила, без приложување на ПЦР тестови и без упатување на домашна изолација или спроведување на задолжителен државен карантин, соопшти денеска на социјалната мрежа Фејсбук техничкиот премиер Оливер Спасовски наведувајќи дека ваква одлука донела Владата врз основа на препораки на Комисијата за заразни болести.

„Владата денеска донесе одлука од 1 јули 2020 година да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид“, наведува Спасовски.

Протоколите строги, хотелите подготвени, а гости?

Исто така, вели тој, Владата донесе одлука за укинување на забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни, но и угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа. Од истиот датум се дозволува да работат и теретаните, додека моловите ќе можат да работат и во неделите, вели Спасовски.

Тој додава дека за сите одлуки до петок ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори.

Мерките за затворање на границите и останатите забрани во С. Македонија беа воведени на почетокот на март, по избувнувањето на здравствената криза предизвикана од ширењето на новиот коронавирус.