Официјално: Игор Кокошков повеќе не е селектор на Србија

7

Кошаркарска репрезентација на Србија ќе добие нов предводник откако Игор Кокошков и федерацијата одлучија официјално да ја прекинат соработката.

Младиот стратег седна на клупата на Србија во 2019 година по успешното европско првенство со Словенија, но не успеа да ја одведе својата репрезентација до Летните олимписки игри во Токио. Притоа 49-годишникот во следната сезона повторно ќе биде дел од НБА лигата, како асистент во Далас, а тоа дополнително ја отежни неговата селекторска функција.

„КСС му посакува на Игор многу среќа и успеси во продолжението од тренерската кариера со благодарнсот за работата и трудот. Федерацијата во следниот период ќе ангажира нов селектор за што јавноста ќе биде благовремено известена“, стои во соопштението на федерацијата.

Како наследник на Кокошков на „жешкото столче“ се најавува Светислав Пешиќ кој во 2002 година со тогашната репрезентација на Југославија се искачи на светскиот престол.