Охридскиот суд му издаде упатен акт на Мијалков: На 8 август да се јави во затворот во Струга

0

Основниот суд во Охрид му издаде упатен акт на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, на 8 август годинава да се јави во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга за издржување на тригодишната затворска казна во предметот „Империја“, потвридја од судот за „360 степени“.

Издавањето на упатниот акт за во струшкиот затвор следува откако Мијалков ја промени адресата на живеење од Скопје во Охрид поради што и надлежноста за издавање на упатен акт премина од скопскиот Кривичен суд во рацете на охридскиот.

Лицата кои издржуваат казни во КПД во Струга имаат можност доколку се вработени да излегуваат со цел да одат на работа, како и да користат слободни викенди, а во затворот да одат по работното време и да ја поминат ноќта таму.

Затворската казна од три години што Мијалков ќе треба да ја издржи во Струга му беше определена откако тој како обвинет во „Империја“ призна вина за кривичните дела злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање на имот и се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Исто така, дел од неговата спогодба беше и конфискација на околу 36 милиони евра имот, поголем дел во недвижности, за што од обвинителството беше објавен и детален список.

Мијалков не е единствениот од „Империја“ кој призна вина, се спогоди, а потоа промени адреса за да ја издржува казната во струшкиот затвор. Ист беше случајот и со бизнисмените Јордан (Орце) Камчев и Ненад Јосифовиќ кои постигнаа спогодба кон крајот на април годинава. Тие добија по една година затвор од коишто казни им останаа помалку со оглед дека неколку месеци беа во притвор (ефективен и домашен) којшто период им се пресмета во казните.

Нивната спогодба беше за кривични дела до 2009 година – Камчев призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело. Дел од спогодбата беше и преку фирмите на Камчев да се уплатат и 5,2 милиони евра на сметка на УЈП, па така на 26 април годинава од страна на фирмата „Кара“ АД Скопје, која е правен следбеник на компаниите „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ ХООР АД Кавадарци, парите беа уплатени во државната каса.