Оштетените штедачи на Еуростандард бараат обештетување и на правните лица

22

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка бара обештетување и на правните лица по пропаѓањето на банката.

„Македонија е единствената земја во Европа каде правните лица – фирми воопшто не се обештетуваат од државниот Фонд за осигурување на депозити во случај на пропаѓање на банка. Ова е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот на РСМ.

Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, физичките лица депоненти во банка се осигурани до 30 илјади евра додека за правните лица депоненти во банка не постои никаква осигурителна сума. За разлика од нашата земја која се стреми да биде членка на Европската унија, не постои земја членка во унијата каде правните лица не се заштитени и не се законски обештетени, како и физичките лица. Директивата 2014/49/EU на Европскиот парламент и на Советот од 16 април 2014 година за шемите за гаранција на депозити јасно ги дефинира и правните и физичките лица како депоненти со право за обештетување во случај на стечај на банка. Оваа директива е преточена во законите на сите земји членки на Европската унија, кадешто висината на осигурувањето односно обештетувањето е до 100 илјади евра по депонент, а во некои случаи и повеќе.

И кај сите наши соседи односно земјите од таканаречениот Западен Балкан постои обештетување со закон коешто важи како за физичките така и за правните лица при стечај на банка. Тоа е така и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. Само во Македонија правните лица се дискриминирани и лишени од било каква заштита и обештетување.

Прочитајте и… Тридневна жалост во САД поради смртта на полицајците за време на упадот во Капитол хил
Државата ги оштетува фирмите со закон. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени.

Оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба ги оштетува двете групи на доверители, граѓаните со депозити над 30 илјади евра и особено фирмите. Од една страна, фирмите се законски обврзани да работат преку банки кои официјално имаат дозвола за работа издадена од Народна банка и кои треба да бидат контролирани од истата. Од друга страна, во случај на стечај на банка, како што е сега случајот со Еуростандард банка, тие воопшто не се обештетуваат. Тие се оштетени од Фондот којшто им ги одзема нивните средства и ги оштетува со тоа што се поставува пред нив се додека целосно не се обештети од стечајната маса. Значи, фирмите мораат да работат преку банка со целиот свој капитал, а ако пропадне банка во Македонија сите средства им се заробуваат и немаат никаква гаранција односно обештетување. Каква е таа логика да фирмите доверители вршат обештетување на Фондот во стечајната постапка, а ништо не наплатиле од Фондот односно воопшто не биле обештетени од истиот!? „Фондот за осигурување на депозити” одеднаш во стечајната постапка постанува „Фонд за оштетување на депозити”!

Покрај депозити, најголем дел од фирмите ги користеле и услугите на сега пропаднатата Еуростандард банка за тековен платен промет. Со пропаѓањето на банката и тие средства на тековни сметки на фирмите им се заробуваат во целост, а има и повеќе случаи на фирми коишто примиле уплата на нивни фактури на самиот ден на затворање на банката, некои од нив и со суми од стотици илјади евра. Без разлика дали се работи за депозити или парични средства на тековна сметка, со затворање на банка фирмите веднаш ги губат сите свои средства, немаат никакво обештетување, неможат да ги сервисираат тековните обврски, стануваат несолвентни, неможат да исплатат плати на вработените, се затвораат. Тие се оние кои је креираат додадената вредност во реалната економија и го полнат државниот буџет, а државата наместо да ги заштити таа ги казнува со неуставно законско решение коешто е единствено во Европа и пошироко. Со затворањето на Еуростандард банка, Владата категорично одби да им помогне и на фирмите депоненти кои ги изгубија сите свои пари и ги остави на немилост на системот да се снаоѓаат како знаат и умеат во сред пандемија.

Не постоењето на законско обештетување за правните лица во случај на стечај на банка драстично го зголемува и ризикот за нивно работење во нашата земја. Освен за домашните фирми, тоа не е воопшто добар сигнал ниту за странски директни инвестиции и непотребно ја зголемува неизвесноста во одлучувањето на странските фирми да се етаблираат во нашата земја и да работат со нашите банки. Напротив, ова е уште една причина да тие ја избегнуваат нашата земја за нивни планирани инвестиции во споредба со останатите земји од регионот каде не постојат вакви законски небулози.

Водејќи се од начелата за правда и правичност, Здружението на оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи” поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки преку Адвокатското друштво „Кузмановски” од Скопје на 28 октомври минатата година. Со оваа иницијатива бараме укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на Уставот на РСМ.

Од сето досега образложено, длабоко сме убедени дека предметниот член е неуставен и незаконски и поради тоа веруваме дека укинувањето на оваа одредба е повеќе од нужно и неминовно. Останува на Уставниот суд и уставните судии да ја донесат конечната праведна одлука, со која се надеваме дека барем делумно ќе се надминат страдањата на оние кои се оштетени од системот не по нивна вина. Околу 2.000 фирми, оштетени депоненти на Еуростандард банка, нестрпливо ја очекуваат конечната одлука на Уставниот суд. Веруваме дека многу скоро ќе ја видиме и светлината на крајот од тунелот и дека правдата во овој дел сепак ќе биде задоволена!“, соопштија од Еуростандард банка.