Оштетен дигиталниот споменик на Прличев во Охрид – Исечени каблите за струја и отстранетo македонското знаме и натписите

2

Дигиталниот паметен споменик од Григор Прличев, кој во средата беше поставен на „Плоштадот на уметноста“ во Охрид е оштетен и веќе не е во функција.

– После нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција -објави на својот Фејсбук профил проф. д-р Анис Сефиданис чија компанија го изработи овој иновативен систем.

Како што информира професорот, непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите.

– Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да нанесат искривувања на истите – соопшти Сефиданис и додаде дека случајот бил пријавен во МВР и постапката понатаму ќе продолжи со Јавното обвинителство.

Дигиталниот споменик на Прличев вклучуваше технологија за препознавање на македонскиот јазик како и реалистичен приказ на ликот на Прличев, синхорнизиран со говор преку кој се отелотворуваа стиховите и емоциите на македонскиот преродбеник. За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија, со што на посетители им се нуди футуристичко уникатно искуство.