Папата одби да го прими американскиот државен секретар Помпео

6

Според Ватикан, причина е ставот на папата да не прима политичари во изборен период, но се смета дека делумно на ваквата одлука влијаеле и критиките на Помпео за односите на Католичката црква и Кина
Папата Франциск одби да го прими државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

Како што објави Би-би-си, повикувајќи се на изјавите на државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин и државниот секретар за односи со државите монсињор Ричард Галагер, барањето е одбиено со образложение дека папата избегнува средби со политичари за време на изборен период.

„Папата веќе јасно стави до знаење дека политички фигури не се прифаќаат во изборните периоди. Тоа е причината за одлуката на папата“,изјавил кардинал Паролин.

Сепак, овој потег се смета дека има друга заднина, која е поврзана со коментарите на Помпео за Кина и Католичката црква, кој во статија на почетокот на овој месец ја обвини Католичката црква дека го ризикува својот морален авторитет со обновување на договорот со Кина за назначување бискупи.

Ватикан го обвини Помпео дека се обидел да го искористи ова прашање за привлекување гласачи на претседателските избори во САД во ноември.

Кардиналот Паролин конкретно укажа дека е можно коментарите на Помпео да имаат за цел да ги охрабрат католиците да го поддржат Трамп на гласачките места во ноември.