Пеливанов: Јовановски ги избрал за соработници Јасна Ерцеговиќ, Христина Блажевска и Фросина Ременски

16

Јавниот обвинителот во аферата „Меѓународен сојуз“, Трајче Пеливанов во своите завршни зборови рече дека во процесот се докажало дека обвинетите ги сториле делата за кои се обвинети, а тоа што навистина почнало како хуманитарна организација се претворило во нешто друго. Првообвинетиот Бојан Јовановски ги избрал за соработници Јасна Ерцеговиќ, Христина Блажевска и Фросина Ременски, кои имале големо влијание, истакна застапникот на обвинението во завршните зборови во случајот „Меѓународен сојуз“.

Тој потсети дека здружението на Бојан Јовановски, имало и неколку хумани акции, но тоа било се со цел да се остави добар впечаток во јавноста, односно за да се случи почетокот на големата измама. Нагласи дека измамата е направена за задоволување на личните материјални интереси на обвинетиот Бојан Јовановски и таа измама не можела да се оствари доколку покрај него не биле обвинетата Јасна Ерцеговиќ, Фросина Ременски и Христина Блажеска.

– Јовановски ги манипулирал за тој да ги остварува личните цели. И двајцата оштетени изјавија дека прво им бил презентиран проект за изградба на дом за возрасни лица, а за таа намена ќе било обезбедено државно земјиште. Склучиле договори. Ременски била присутна речиси на секој состанок со оштетените. Тие пак сведочеа дококу таа не била присутна, немало да ги склучат договорите, бидејќи таа им влеала доверба и сигурност дека проектот ќе се реализира, бидејќи имале поддршка од власта. Многу успешно ја одиграла својата улога, а тоа е дека зад проектот стои извршната власт. Таа, била многу повеќе од само почесен претседател на невладината. Таа се крие зад својата функција, а при претресот во нејзиниот дом произлегоа докази за нејзината вмешаност. Претресот беше направен во нејзиниот дом, а не во Собранието, каде што беше потпретседател. Таа ја користела функцијата за да му помогне на Јовановски во остварување на неговата цел. Свесно му помогнала на Јовановски во извршувањето на кривичното дело – нагласи Пеливанов.

Во процесот „Меѓународен сојуз“ покрај Бојан Јовановски-Боки 13, обвинети се и Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки – 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Боки-13 е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажеска за помагање во измамата и перењето пари, додека Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.