Пендаровски во Словенија ќе учествува на процесот „Брдо-Бриони“

21

Денеска во Словенија ќе се одржи десеттиот јубилеен состанок на лидерите учеснички во процесот „Брдо-Бриони“, кој минатата година се одложи поради пандемијата на коронавирусот, и по тој повод претседателот Стево Пендаровски ќе биде во еднодневна посета на Словенија.

Домаќин на состанокот што се одржува во Брдо кај Крањ е словенечкиот претседател, Борут Пахор.

Покрај Пендаровски, најавено е и учество на претседателите на Србија (Александар Вучиќ), Хрватска (Зоран Милановиќ), Албанија (Илир Мета), Косово (Вјоса Османи), Црна Гора (Мило Ѓукановиќ), како и претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина (Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ).

„По завршувањето на состанокот, предвидено е лидерите да усвојат финални заклучоци во однос на неколку клучни теми, како што се процесот на проширување на Европската Унија, справувањето со последиците од пандемијата на ковид-19, економското закрепнување на регионот на Западен Балкан и слично“, велат од кабинетот на Пендаровски.
Според најавите, предвидено е претседателот да оствари и повеќе билатерални средби со колегите од регионот.