Пендаровски го помилува Абдулфета Алими

11

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да помилува осуденици, а на списокот се наоѓа името на Абдулфета Алими, член на Обезбедувањето на Собранието кој беше осуден за настаните од 27 април, а за кого претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села сведочеше дека му го спасил животот. Списокот на помилувани бил потпишан во средата од претседателот, а вчера беше објавен во Службен весник.

Инаку, Алими е осуден на 6 години казна затвор за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Тој за време на судењето рече дека постапил според наредбите на хиерархијата. Во текот на целиот судски процес, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, му даваше поддршка на Алими, велејќи дека тој му го спасил животот ноќта на 27 април, кога бил претепан и оставен во бесознание.

-Со Одлуката целосно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор Александар Трајан Петровски од Скопје. Делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Неџмедин Расим Матоши од Скопје во траење од четири месеци, Димитар Милија Мишков од Скопје во траење од три месеци, Абдуљфета Амид Алими од с. Оризаре Општина Липоково во траење од осум месеци и Џафер Џемаиљ Небија од с. Арачиново во траење од пет месеци, стои во одлуката број 08-271/1 што е објавена во Службен весник на Република Северна Македонија.

Според Кабинетот на претседателот, помилувањата се спроведени согласно законска процедура, а сите лица кои се помилувани ги исполнуваат условите за такво нешто.